Zum Inhalt springen

За прв пат дијаспората ќе гласа на 12 април за претседателските избори

Досега во избирачкиот список со ѕвездичка се означени 68.000 македонски граѓани кои гласаат од странство. Во буџетот на ДИК за одржување на претседателските избори се предвидени 245 милиони и 430 илјади денари. Засега во јавноста само се шпекулира, ниту една партија не ги открила адутите во претседателската трка

Македонските граѓани кои живеат или работат во странство за прв пат ќе можат да гласаат на претседателските избори. Државната изборна комисија вчера едногласно усвои јавен повик на кој треба да се пријават заинтересираните. Дијаспората ќе гласа во три изборни единици 7, 8 и 9, еден ден пред одржувањето на изборите во Македонија, на 12-ти април.

Македонците од дијаспората кои сакаат да гласаат треба да достават документи за законски престој во странство и пријава со личен потпис.

Досега во избирачкиот список со ѕвездичка се означени 68.000 македонски граѓани кои гласаат од странство. За увид во избирачкиот список граѓаните имаат рок од 20 дена, поточно од 16 февруари до 7 март.

Кандидатите коишто сакаат да учествуваат во изборната трка за шеф на државата треба да ја достават кандидатурата најдоцна до 13 март. Изборната кампања за избор на шеф на државата ќе започне на 24 март, а ќе заврши на 11 април.

Независните кандидати кои сакаат да учествуваат во изборната трка ќе треба да соберат 10.000 потписи од граѓани или да имаат поддршка од 30 пратеници. Рокот за собирање потписи во подрачните единици на ДИК ќе почне на 16 февруари и ќе трае до 2 март.

Државната изборна комисија вчера ги утврди трошоците за изборните активности на претстојните претседателски избори. Во буџетот на ДИК за одржување на претседателските избори се предвидени 245 милиони и 430 илјади денари.

На седницата беше предложена измена на изгледот на Избирачкиот список (ИС), за што постои начелна согласност од страна на сите членови. Претседателот на ДИК Никола Рилкоски изрази двоумење за тоа дали сега треба да се расправа за измена на изгледот на ИС и притоа предложи таа да се разгледа на друга седница по завршувањето на претстојните избори.
Дополнително потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи побара Избирачкиот список да биде двојазичен во општините каде припадниците на етничките заедници се над 20 проценти, а тоа според него е во 33 општини. Според него, ДИК е надлежна за изгледот на Избирачкиот список.
Предлогот го поддржа и Бедредим Ибраими според кого треба да се провери дали евиденцијата во МВР се води двојазично односно дали податоците се внесуваат врз основа на поднесеното барање од страна на барателите. Ибраими смета дека нашите закони се половични во однос на рамноправноста на етничките заедници односно употребата на албанскиот јазик.
Влатко Сајковски, член на ДИК, апелираше на, како што рече, побрза проактивност во правец да не се закочи работата со печатењето на изводите од Избирачкиот список.

ДИК јна вчерашната седница ја прифати и одлуката јавен повик за гласање на државјаните на Македонија кои се на привремена работа во странство и за пријавување за гласање на претседателските избори да биде објавен во најтиражните весници. Образецот за пријавување за гласање може да се преземе од веб страницата на ДИК и од македонските дипломатски претставништва во светот. Првпат македонските државјани во странство ќе можат да гласаат за претседател на државата.

Над 68.000 лица кои не живеат во државата подолго време во Избирачкиот список се обележани со ѕвездичка, но сите други кои се иселиле од државата а кои сакаат да гласаат ќе треба да достават законска дозвола за престој и дозвола за работа. Дополнително ДИК ќе донесе упатство за гласање на дијаспората. Во изборните единици седум, осум и девет каде што гласа дијаспората, изјаснувањето ќе биде на 12 април, ден пред првиот круг од претседателските избори.

Гласањето за избор на претседател е закажано на 13 април. Доколку во првиот круг не се избере претседател на државата, се оди на втор круг, кој би се одржал на 27 април.
Засега во јавноста само се шпекулира, ниту една партија не ги открила адутите во претседателската трка.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека на 1 март ќе го избере кандидатот за претседателските избори. Неизвесно е и дали актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов ќе побара доверба од граѓаните за втор мандат. Досега својата кандидатура за претседателските избори ја најавија Стојанче Ангелов и професорот Јове Кекеновски.

Неизвесни се и предвремените парламентарни избори, односно нивното организирање во пакет со претседателските во април, особено откако ДУИ во неколку наврати го потврди цврстиот став за консензуален претседател. Во спротивно, велат од партија на Ахмети не се исклучува можноста и за предвремени парламентарни избори.
Од ВМРО-ДПМНЕ веќе појаснија дека одлуката за предвремени избори е базирана исклучиво на државните и националните интереси.

Quelle: http://www.vecer.com.mk/