Независната експертка Геј Мекдугал во обемниот и остар извештај бара Грција да овозможи Македонците и Турците слободно да може да го изразуваат својот етнички идентитет
Грција да признае постоење на македонско и турско малцинство на своја територија и да се фокусира на заштита на нивните права, препорача во извештај независниот експерт за малцински прашања на Обединетите нации, Геј Мекдугал. Независната експертка и борец против апартхејдот во Јужна Африка ја посети Грција лани во септември при што во Лерин се сретна и со претставниците на македонското малцинство.
„Грчката влада треба да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права со кои на здруженијата треба да им се овозможи употреба на зборовите ‘македонски‘ и ‘турски‘ во нивните имиња, како и за слободно изразување на нивниот етнички идентитет“, се препорачува во Извештајот.
ОБЈЕКТИВЕН ИЗВЕШТАЈ
Експерти вчера оценија дека станува збор за објективен и остар извештај што ја отсликува реалната состојба со малцинствата во Грција. Тие посочуваат дека последниве 17 години во континуитет се критикува политиката на Атина спрема малцинствата и ги истакнуваат извештаите на американскиот Стејт департмент, на Европската комисија против расизам и нетолеранција, на комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг.
Мекдугал во обемниот извештај истакнува дека лицата што тврдат оти му припаѓаат на македонското малцинство се соочени со социјален притисок.„Во Западна Тракија и во Централна и Западна Македонија дебатата за признавање на идентитетите е напната. Постои тензија, а има потврдени извештаи за застрашувања“, се додава во извештајот.
Независната експертка смета дека Грција премногу рестриктивно гледа на прашањето за малцинствата, па од тие причини таа не може да одговори на сегашните стандарди. Наместо тоа, грчката влада се фокусира на историско поимање на националните малцинства кое влече корени од распаѓањето на империите или врз основа на договорите кои беа склучени по војните. Експертката во извештајот ја повикува Грција да ги почитува малцинствата врз основа на модерната законска рамка од 1945 година наваму.
Во извештајот посебно се разгледува положбата на Турците, Македонците и на Ромите при што се дава еден историски контекст на третманот на прашањето со малцинствата. Мекдугал забележува дека кога Грција прогласила независност од Отоманската Империја во 1829 година била за две третини помала отколку што таа изнесува сега.
Посебен дел од Извештајот се однесува на малцинствата во регионот на Лерин. Мекдугал пососчува дека грчката влада не признава постоење на македонско етничко малцинство во тој дел на Грција, ниту постоење на македонски јазик, иако кај тамошното население се забележливи лингвистички варијации различни од грчкиот јазик. Став на официјалната грчка политика е дека митот за македонската нација е создаден во времето на Тито од експанзионистички причини кон грчкиот дел на Македонија.
„Владата не дозволува никаква употреба на македонскиот јазик и на културни активности кои се идентификуваат како македонски. Во последно време се забележува попуштање на тврдата политика што ја применуваа грчките власти кон оние што се идентификуваа како етнички Македонци, но се‘ уште постојат такви случаи. Луѓето во тој дел на Грција кои се идентификуваат како Македонци инсистираат да биде признаен нивниот етнички и јазичен идентитет“, стои во Извештајот.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Мекдугал забележува дека во 20-тите и 30-тите години од минатиот век биле менувани негрчките имиња на градовите, селата и планините, како и семејните имиња на луѓето кои зборувале македонски. Старите семејни имиња сепак не се исчезнати и многу често денес, се наведува, луѓето ги користат паралелно со грчките имиња. Претставници на македонското малцинство се жалат, стои во Извештајот, дека немаат право на здружување и политичка активност, а се жалат и на дискриминаторските грчки закони кои се однесуваат на илјадниците луѓе што ја напуштија Грција за време на Граѓанската војна и на кои им беа одземени државјанствата и имотите.
Особено се акцентира Законот од 1982 година, во кој е посочено дека „право да се вратат во Грција имаат само Грците по род кои ја напуштиле земјата за време на Граѓанската војна како политички бегалци“. Овој закон не им ги дава истите права на луѓето што се идентификуваат како етнички Македонци. Луѓето што се изјаснуваат како Македонци не можат ниту да ги посетат своите некогашни домови во Грција. Мекдугал во Извештајот пишува и дека имала средби со луѓе кои се декларираат за Македонци и кои зборуваат македонски. Тие генерално искажувале страв јавно да го искажат својот идентитет иако признаваат дека ситуацијата е подобрена, но се‘ уште има „мека дискриминација“.
Во врска со посетата на Лерин, Мекдугал во извештајот цитира едно лице кое рекло: „Јас сум грчки државјанин…, но јас сум Македонец ако зборуваме за моето село, за мојот јазик и за мојот идентитет“.
Во точка 48. од Извештајот Мекдугал го споменува и проблемот со името на Република Македонија, при што забележува дека досега во преговорите не бил вклучен независен експерт.
„Виножито“: Само за Атина сонцето не свети
Од Извештајот се гледа дека само за Грција сонцето не свети, коментираа вчера за „Дневник“ од „Виножито“, партија на Македонците во Грција.
– Многу е важно што зад остриот Извештај стои една релевантна организација како што се Обединетите нации, и на еден независен експерт кој лично дојде во регионот да се запознае со состојбата на националните малцинства, а особено со нас Македонците. По се‘ почестите извештаи на експертите за чоевкови и малцински прашања политиката на Грција може да се оцени како политичка шизофренија во однос на македонското малцинство – оценуваат од „Виножито“.
Ниту гробишта за муслиманите
„Муслиманското малцинство е признаено само во Западна Тракија, но последниве години голем број муслимани мигрираа во Грција и се населија во други региони каде што имаат проблеми со изразување на религиозните слободи. Во Атина не е призната ниту една џамија или муслимански гробишта. Џамиите функционираат „под земја“ и илегално. Тие бараат легализација на џамиите при што забележуваат дека за тоа има силни спротивставувања од Грчката православна црква и од жителите на Атина. Кога ќе почине муслиман, неговото тело се погребува во земјата од каде што дошол или во Тракија.
Христо Ивановски
Повеќе за оваа тема читајте овде