Прашањето за името е билатерален спор меѓу Македонија и Грција и тоа не е поврзано со критериумите за членство на земјата во ЕУ, но мора да се реши во духот на добрососедската политика, порача денеска во Брисел еврокомесарот за проширување Оли Рен.
Тој, оцени дека изборите во Македонија минале во согласност со меѓународните стандарди и изрази уверување дека во таков фер и демократски амбиент ќе мине и вториот круг на гласање.
Според него, доколку Македонија ги исполни поставените критериуми за членство Европската комисија до крајот на годината ќе даде препорака за започнување на претпристапните преговори. Комисијата, како што најави, може да препрача и укинување на визниот режим.
На средбата со новинарите по повод работниот појадок што го организираше во чест на 20-годишнината од уривањето на Берлинскиот ѕид и петгодишнината од приемот во ЕУ на десетте нови членки од Источна Европа, Рен нагласи дека проширувањето на Унијата не треба да запре поради глобалната економска криза. Тој истакна дека за кризата не се виновни државите од Југоисточна Европа, бидејќи како што рече, таа „започна на Волстрит, а не на улиците во Белград или Загреб“.
Еврокомесарот за проширување смета дека ЕУ треба да ги исполни обврските кон земјите од Југоисточна Европа, бидејќи, според него, иднината на Западен Балкан е во члнество на секоја држава од регионот во Унијата врз основа на индовидуални постигнувања. Еврокомисијата и натаму останува посветена на европската перспектива на Балканот, порача Рен.
Осврнуваќи се на постигнувањата за време на неговиот мандат како еврокомесар, тој нагласи дека досега се исполенти пет од шесте задачи што тој си ги поставил: во 2009-та ЕУ да има 27 членки, преговорите за членство на Хрватска да бидат во завршна фаза, останатите земји од Западен Балкан да бидат „на европскиот пат“, Турција да започне преговори и да се реши статусот на Косово. Што се однесува до шестата задача – обединувањато на Кипар, Рен рече дека и таа е на добар пат кон исполнување, бидејќи во тек се интезивни преговори за решавање на кипарското прашање.
Говорејќи за граничниот спор меѓу Хрватска и Словенија, кој ги загрозува хрватските евроинтергративни амбиции, посочи дека верува оти двете земји ќе најдат решение за проблемот и дека се уште очекува одговор на неговиот предлог од Загреб и Љубљана.
Кога станува збор, пак, за Турција, Рен нагласи дека земјата мора да ја подобри слободата на говорот и на медиумите и да донесе нов закон за работнички синдикати и за правото на штрајк, како дел од обврските за приближување кон ЕУ.
На работниот појадок што го организираше Рен, присуствуваше и заменик-претседателот на македонската Влада, Ивица Боцевски, кој денеска во Брисел учествуваше и во работата на заседанието на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија.
Сител ТВ