Македонија бара нов граничен премин со Грција
Шефот на македонската дипломатија овој пат со писмо до грчката колешка во кое бара решавање на прашање од практично значење за граѓаните кои живеат во пограничниот регион поточно бара отворање на граничен премин Маркова Нога-Герман
Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски упати писмо со грчката колешка Дора Бакојани со барање за отворање на нов граничен премин. Станува збор за отворање на граничен премин Маркова Нога-Герман, односно за прашање кое е од практично значење за граѓаните кои живеат во преспанскиот регион, а за кое има барање од македонска страна уште од деведесетите години. Од одговорот на Грција ќе се види дали таа е подготвена за соработка барем за работи кои им значат многу на граѓаните од оваа област, како поголемата комуникација, кога веќе не покажуваат волја за соработка и решавање на спорот со името. За ова исто така министерот и се обрати писмено на Бакојани со конкретни иницијативи, но таа ги отфрли.

Според министерот Милошоски отворањето на граничниот премин би претставувало
значаен чекор кон остварување на декларираните заложби за добрососедство. Со ова според него ќе се поттикне развојот и соработката во областа на туризмот меѓу двете држави, а истото би било и во функција на интензивирање на трилатералната соработка и сообраќајот меѓу Македонија, Грција и Албанија во рамките на Евро-регионот Преспа.

За реализирање на оваа иницијатива има и предуслови.

“Имајќи предвид дека соработката на Република Македонија со Република Грција во областа на граничното управување и пограничната соработка се базира врз Привремената спогодба од 13 септември 1995 г., со која двете држави се обврзале дека ќе се стремат да ги подобрат и да ги модернизираат постојните гранични премини и според потребите да градат нови гранични премини, Меморандумот за практичните мерки во врска со Привремената согласност, потпишан во 1995 г. во Скопје и Протоколот за погранична соработка, потпишан во 1998 г. во Атина и врз основа на кој е формирана Постојана мешовита комисија за граници, постојат предуслови за остварување на оваа иницијатива, корисна за двете земји”, се вели во писмото од Милошоски до Бакојани.

Освен правната основа обезбедени се и средства за отворање на преминот Маркова Нога-Герман.
“Од страна на Република Македонија за овој граничен премин се обезбедени сите неопходни дозволи од надлежните органи, како и финансиски средства. Дополнително сум имал прилика да разговарам на оваа тема со градоначалниците на општина Ресен и општина Преспес, кои се силно заинтересирани за отворање на овој граничен премин, за што веројатно и Вие сте запознаена”, посочува Милошоски во писмото. Притоа македонскиот шеф на дипломатијата предлага одржување на работна средба на делегации од двете министерства, која би се остварила до крајот на месец мај 2009 год. На средбата претставниците на македонската страна би го претставиле планот – динамиката за отворање на граничниот премин до крајот на ноември 2009 година.

“Верувам во натамошниот развој на соработката помеѓу Република Македонија и Република Грција и се надевам дека и Вие го споделувате мислењето за потребата од отварање на уште еден граничен премин, како мала, но значајна нишка во процесот на градење на добрососедските односи”, стои на крајот на писмото упатено до Бакојани.

СРЕДБА НА ДРЖАВНИОТ ВРВ НА МАКЕДОНСКИОТ ПРЕГОВАРАЧ
Иванов ги започна консултациите
Новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов ги направи првите консултации за политиката на земјава во спорот со Грција за името Република Македонија. Тој пред два дена присуствувал на средбата со македонскиот преговарач Зоран Јолевски. На средбата учествувале и премиерот Никола Груевски, претседателот во заминување Бранко Црвенковски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. Се разговарало за учеството на Македонија во преговорите и идните планови поврзани со решавањето на ова прашање.

(С.Д.)

Вечер