„Многу е важно што токму првата посета по назначувањето за македонски претседател Иванов ја оствари во ЕУ и НАТО, со што јасно се покажуваат приоритетите на Македонија кои ние добро ги знаеме“, истакна Солана
Македонија е европска држава и нејзиното вистинско место е во Европската унија. Ова во Брисел го потенцираше високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Хавиер Солана, по првата средба со македонскиот претседател, Ѓорге Иванов. Според Солана многу е веројатно Македонија да ги почне преговорите за членство во Унијата оваа година.
– Многу е важно што токму првата посета по назначувањето за македонски претседател Иванов ја оствари во ЕУ и НАТО, со што јасно се покажуваат приоритетите на Македонија кои ние добро ги знаеме, истакна Солана.
Европретставникот вели дека ЕУ ќе и ја дава целосната поддршка на Македонија, која направи многу големи и силни напори за да се приближи до членство на ЕУ.
– Вие го завршивте на еден начин институционалниот дел и сега треба да се почне со делот за преговорите. Вие не сте далеку од станување на членка, констатираше Солана.
Дека влезот во ЕУ и НАТО се приоритетни за земјава потврди и македонскиот шеф Иванов.
– Визната либерализација и почетокот на преговорите за полноправно членство во Унијата е моја посветеност и посветеноста на Владата и на сите политичките субјекти во државата. Оваа порака од Брисел им ја испраќам на македонските соседи, рече Иванов.
Истата констатација ја има и премиерот Никола Груевски, кој пред заминувањето на средба со францускиот претседател Никола Саркози, беше во Брисел заедно со Иванов.
Тој вели дека има најмалку три големи приоритети за оваа година. Првиот приоритет според премиерот е со што помалку штета и проблеми земјава да ја помине тешката економска година која што е резултат на светската економска криза. Вториот е визната либерализација и третиот е исполнувајќи ги обврските, реформите и одредниците од Европската комисија Македонија да добие позитивен извештај за добивање на датум за почеток на преговори.
Освен за евроатлантска интеграција, земјава е заинтересирана и за решавање на долгогодишниот спор со јужниот сосед Грција, за името на нашата земја. Иванов во Брисел искажа подготвеност за продолжување и продлабочување на процесот што се води во ОН со посредство на медијаторот Метју Нимиц за да се најде решение на проблемот кој на некој начин го блокира македонското евроинтегрирање.
– Се надевам дека од другата страна ќе наидеме на разбирање и ќе дојдеме до решение кое подразбира разумен компромис, кој нема да посегне по нашиот идентитет и нашиот јазик. Се надеваме дека по изборите во Грција ќе имаме партнер со кој ова ќе можеме да го завршиме и да дојдеме до одредено решение со кое ќе ги отвориме перспективите на регионот и на нашата земја – изјави Иванов.
Груевски смета дека проблемот со името е едно од клучните прашања и интерес на Македонија е да се дојде до решение за ова прашање, но за да се дојде до него потребно е волја за компромис и од двете страни. (Б.З.)
Иванов – Алберт Втори: Македонија и Белгија имаа пријателски односи
Македонија и Белгија немаат никакви отворени прашања и имаат добри и пријателски односи, констатирале на вчерашната средба во Брисел македонскиот претседател Ѓорге Иванов и белгискиот крал Алберт Втори.
Претседателот Иванов по средбата изјави дека во сферата на економијата Македонија со Белгија има суфицит бидејќи извезува тутун, метали и текстил. На средбата белгискиот крал искажал голема почит кон Мајка Тереза, при што претседателот Иванов му подарил сувенир со ликот од Мајка Тереза.
Повеќе: www.vecer.com.mk