Zum Inhalt springen

Европа гледа македонски филм еднаш на петнаесет години

Македонските филмови, со мали исклучоци, ретко се прикажуваат пред пошироката светска публика. Освен со учеството на филмските фестивали, тие не можат да се пофалат со успешен киноживот надвор од границите на земјава, што, пак, е крајниот резултат на секое филмско дело. Ова го потврдува и фактот што, на пример, дури петнаесет години по проекциите на филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во Франција, тамошната публика имаше можност да се запознае со македонската кинематографија со неодамнешната кинодистрибуција на филмот „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Стругар Митевска.

Речиси идентично е нашето отсуство од кинопонудата и во другите европски земји. Филмот на Митевска, пак беше на репертоарот во девет француски градови, но и во кината во Белгија, Унгарија, Грција, Словенија, Грција, Србија, БиХ, а му претстои и прикажување пред холандската, романската и италијанската публика. Големиот временски распон меѓу овие два филма беше прилично турбулентен за домашната кинематографија. Во овој период се снимија повеќе филмови, а некои од нив, сигурно, заслужија да бидат покажани пред светот. Но, на ниту еден од нив не му се случи тоа, барем не во тој обем. Зошто е тоа така и, во услови кога немаме киномрежа, а навиката да се оди во кино е сосема спласната, па дури и за домашни филмови што обично најмногу ја интригираат домашната публика, неминовно е прашањето за кого, конечно, снимаме филмови?

Филмски работници и критичари коментираат дека „Пред дождот“ е, дефинитивно, се уште најуспешниот македонски филм, кој со години се прикажуваше во светските киносали и телевизии. Тоа, освен на квалитетот на филмот, велат, се должи и на вештината на продуцентите да го продадат делото, вештина што ни недостига и во другите сфери, не само во уметноста. Дарко Башески, директорот на Филмскиот фонд, вели дека правата за дистрибуција на филмовите ги дефинираат продуцентите и тие се факторот што треба да се избори за што поширока презентација на филмот. -Успешната кинодистрибуција зависи од тоа колку е добар филмот, од тоа колку публиката ќе го прифати, но и од тоа колкав е потенцијалот на продуцентот да го продаде – коментира Башески. Тој вели дека сите македонски филмови имале некаков обид за дистрибуција, но со исклучок на споменатите два, таа била на незавидно ниво. Продуцентите се обидуваат да го понудат филмот на што повеќе места, но не успеваат сите во тоа. – И „Сенки“ се обидуваше да направи светска дистрибуција, но не многу успешна.

Истото беше и со „Балканкан“ и со „Контакт“, но без позначајни резултати. Нашите продуценти немаат капацитет за тоа, иако можат само да профитираат од пошироката дистрибуција. За тоа да се оствари се потребни контакти, но и повеќе пари – додава Башески. Актерката и продуцентка Лабина Митевска, пак, смета дека квалитетот на филмот е пресуден за негов успешен киноживот. – Дистрибуцијата на филмот зависи од неговиот квалитет и од неговото присуство на фестивалите од А категорија. Лош филм, дури и од автор со светско реноме, не може да има широк пристап до светските кина – вели Митевска, додавајќи дека недоволното учество на фестивали, слабите контакти, неорганизираноста и малата соработка меѓу македонските филмаџии се причините за слабата комерцијална дистрибуција на домашните филмови. Според режисерот и монтажер Атанас Георгиев, чијшто документарен филм „Плати и жени“ во моментов се прикажува во специјализираното кино за документарни филмови во Загреб, комерцијалната вредност на филмот е пресуден фактор за негова успешна дистрибуција.

– По слабиот одѕив за нашите филмови во домашните кина, во кои полните сали се инцидент, што може да се очекува во странство? Ако филмовите ни се малку посетени дома, лошо ќе поминат и во странство. Нашите филмови немаат комерцијална вредност и, можеби, е најдобро во странство да се прикажуваат во арт-кина специјализирани за филмофили – вели Георгиев.

VREME