Што по Чикаго? Ова е прашањето што се поставува во однос на понатамошната македонска стратегија за надминување на наметнатиот проблем со името. И сега, 19 години по приемот на Македонија во ОН, изгледа повторно треба да се свртиме кон Светската организација и таму конечно да го надминеме овој глупав спор – без Грција.

Адвокатот Марјан Попески и професорот Игор Јанев, во различни пристапи, веќе подолго време велат дека проблемот со името може да се надмине само во ОН, без преговори и без обврските од Привремената спогодба и никаде на друго место. И амбасадорот Ристо Никовски во колумната за МКД.МК предлага „покренување на процедура во ООН за враќање на нашето уставно име во редовна употреба, бидејќи проблемот се покажа како нерешлив. Покренување на постапка за оценување на легалноста на нашиот прием во ООН”.

Тука е клучот – во легалноста на нашиот прием во ОН. И тука е грешката што е направена од старт. Од една страна е нашето прифаќање на тој прием под такви услови (спротивно на Повелбата на ОН), а од друга страна е согласноста на Светската организација тоа да го направи спротивно на сопствените принципи и законски одредби. Затоа треба да се сврти нов лист во македонската стратегија за решавање на името.

Германскиот европратеник Кристијан Елер минатата недела за Дојче веле изјавил дека решението на проблемот не може да биде со кратење на правото на самоопределување.

Со оваа изјава ЕУ првпат прифаќа дека со приемот на Македонија во ОН е сторена неправда со тоа што во преамбулата на примарното право на ЕУ стои дека одредбите на Повелбата на ОН имаат предност пред одредбите на примарното право на ЕУ.

Правото на самоопределување кое е дел од член 1 од Повелбата на ОН е најважното колективно човеково право. Нема сомневање дека тоа право го покрива и правото на избор на име.

Попески: Привремената спогодба е ништавна!

Време ли е да ја вратиме целата работа 13 години назад – пак да побараме прием во ОН под уставното име?

За Робин О’Нил, поранешниот медијатор на ОН тоа е многу важно и потребно. „Сепак, треба да се има предвид Привремената спогодба и пресудата на Судот во Хаг која се однесува токму на оваа спогодба. Грција ќе мора да признае дека Македонија има име и да дозволи влез на земјата во НАТО и во ЕУ”, вели Робин О’Нил.

Марјан Попески, адвокат и магистер по меѓународно право, предлага покренување на ништавност на Привремената спогодба помеѓу Македонија и Грција. Во својот труд овој адвокат од Охрид тврди дека привремената согласност меѓу Македонија и Грција е во спротивност со ius cogens (императивна норма) во Повелбата на ОН и е ништавна (член 53 од Виенската конвенција за договорно право). Па така, според него член 5 од Привремената согласност е ништавна договорна норма, а оттука и привремената согласност е ништавна и нема никакво дејство.

„Според член 103 од Повелбата на ОН, овој договор е ius cogens што предизвикува ништавност на сите договорни норми што во време на настанувањето биле во спротивност со Повелбата и Статутот како негов интегрален дел. Член 5 од Привремената согласност е во спротивност со член 1, став 2 и член 55 од Повелбата. Член 5 од привремената согласност е ништавна договорна норма.”

Член 1, став 2 од Повелбата на ОН го содржи основното колективно човеково право, правото на самоопределување. Од друга страна, пак, член 5 од Привремената спогодба одредува преговори за правото на самоопределување.

Оттука произлегува дека и член 5 од Привремената спогодба е ништавна договорна норма, тврди Попески. И конечниот заклучок е дека „ништавната Привремена спогодба нема никакво дејство и Македонија не мора да го смени името”.

Попески предлага Владата врз основа на Виенската конвенција за договорно право да испрати до Грција изјава дека Привремената спогодба е ништавна и да го извести Меѓународниот суд на правдата. Ако Грција не одговори во рок од 12 месеци, Македонија има право да вложи жалба за ништавност до Меѓународниот суд на правдата”, заклучува Попески.

Јанев: Уставното име може да го вратиме во ОН

За разлика од Попески, поблиску до предлогот на Робин О’Нил е професорот по меѓународно право Игор Јанев, кој вели дека решението е во ОН.

„Проблемот со името настанал со приемот во Обединетите нации под дополнителните услови надвор од пропишаните во Повелбата на ОН. Сега треба да се прави постапка за анулација на дополнителните посебни услови, надвор од член 4(1) на Повелбата. Постапката во ОН и Меѓународниот суд за легалитет на дополнителните (нелегални) услови, надвор од Повелбата на ОН може да се води и без раскинување на Привремената спогодба или слични постапки. Целата акција ја води Генералното собрание на ОН, а не формално Република Македонија. Значи, Спогодбата е нерелевантна за ваква акција, која Македонија треба да ја иницира во Генералното собрание на ОН. Никакви тужби и слични акции не се потребни”, додава тој.

Очигледно е дека проблемот е само инициран од Грција, а настанал со прифаќањето на нелегалните услови за прием спротивно на одредбите на Повелбата.

„Нема правни препреки од каков било вид преку Собранието на ОН да се побара советодавното мислење од Меѓународниот суд на правдата за легалитет на дополнителните посебни услови, надвор од член 4(1) на Повелбата. Единствено на тој начин можеме да го воспоставиме уставното име Република Македонија во ОН. Мислењето се бара од Генералното собрание на ОН до Суд со просто мнозинство од присутните и кои гласаат, вели професорот Јанев.

Од сето ова произлегува дека државите немаат ексклузивни права на имиња. Менувањето на имињата не влијае врз територијалните права и обврски на државите. Проблемот со името настанал со приемот во Обединетите нации под дополнителните услови надвор од пропишаните во Повелбата на ОН.

Александар Дамовски

http://www.mkd.mk/37565/makedonija/on-privremena-spogodba-popeski-janev-ime-grcija/