Груевски: Бакојани призна дека Грција глумела преговори

ГРЦИТЕ КАЖАА ПА СЕ ПИШМАНИЈА, МАКЕДОНСКОТО МНР НЕ ЈА ПРИФАЌА ИГРАТА

„Вчерашната изјава на Бакојани покажа дека Грција цело време имала стратегија да ја блокира Македонија и дека немало вистински преговори. Ние цело време го тврдевме тоа, и јас и моите соработници, дека ние таму не гледаме преговори дека гледаме начин од другата страна како да не се договориме. Ние цело време го кажувавме тоа и во јавноста, но постојано на домашен терен и од страна на Грција бевме напаѓани дека не сакаме преговори“, рече вчера во Охрид, премиерот на РМ Никола Груевски.

Според Груевски, јавно изнесената изјава на Бакојани покажала дека Грција една година пред самитот имала одлука да не дозволи влез на Македонија во НАТО и во ЕУ.
– Една година однапред тие одлучиле, а потоа глумеле преговори што ние тоа го почувствуваме, но некои од политичарите во Макеоднија не веруваа во тоа. ние постојано повикувавме на единство, на една заедничка посмирена реакција и сега во овој момент кога се обелодени, кога веќе стана јасно не бареме од СДСМ да ја признае грешката и да се извини пред граѓаните за погрешните ставови. Бараме уште еднаш единство во понатамошните чекори, рече Груевски. Тој смета дека сега кога картите се отворени, потребно е да не се обвинуваат политичките партии едни со други, заеднички да бараат начин да и помогнат на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

– Добро е што и на некои од меѓународните претставници што можеби не им беше до крај јасна ситуацијата, сега им се разјаснува, затоа што Грција ја обелодени својата позиција, изјави Груевски.

И од Социјалистичката партија на Македонија вчера со реакција. Оттаму велат не изненадува јавното признавање на Грција за планирано блокирање на интеграцијата на Република Македонија во евроатланските структурии. Со тоа пропадна и јаловата политика на домашната опозиција, на одредени политичари и на јавни личности и нивните заблуди, внесувајќи раздор во македонското национално ткиво, дека е можно изнаоѓање на трул компромис со Грција, а на штета на македонските национални интересии, изјави портпаролот на партијата Малиша Станковиќ.

Грците по објавување на изјавата на грчката шефица на дипломатијата, Дора Бакојани почнаа да се премислуваат и да велат дека не кажала дека ветото било планирано во 2007. Грчката амбасада во земјава вчера упати и соопштение за да каже дека не рекла такво нешто. На ова македонското МНР реагираше и укажа дека на трибината во организација на фондацијата „Костас Караманлис“ присуствувал и македонскиот амабсадор во Атина, Благој Ханџиски, кој бил сведок на нејзината изјава. (С.В.)
СМК: ОБВИНУВАЊАТА ЗА АНТИКВИЗАЦИЈА СЕ ЗАГОВОР ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО
Светскиот македонски конгрес, по зачестените тези за антиквизација и словенизација на Македонците, укажува дека прозивките за истакнување на античките вредности се дел од заговорот за промена на уставното име Република Македонија.

Името на државата е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година, кога народот и граѓаните во апсолутно мнозинство се изјаснија за самостојна и суверена држава Македонијаа без додавки и придавки, а одлуката на референдумот е задолжителна. Оттука, промената на државното име претставува велепредавство, а заговорниците на таа политика велепредавници, со што не се прави поделба меѓу граѓаните, туку законска диференцијација што подлежи на најстрога санкција!

Обвинувањата за таканаречена хунзаа и букефалл политика, односно антиквизацијаа и букефализацијаа на земјата, оркестрирани и платени од исти центри, претставуваат дел од заговорот за промена на државното име Македонијаа, се вели во соопштението од СМК. Оттаму укажуваат дека во Македонија не живеат ниту етнички Словении, ниту етнички Хелении кои во историјата никогаш и не постоеле, туку етнички Македонци. Од СМК укажуваат дека етнологијата денес не претставува чиста генетика, туку пред се култура, но интегралната историја на Македонија од пред нашата ера до денес им припаѓа на Македонците и тие на тоа се горди. И кога поменот за тој дел од историјата го одржуваат со споменици, и кога културата и историјата на Македонија без претенциозности за ексклузивитет ги споделуваат со сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос!!, се вели во соопштението од Светскиот македонски конгрес.

НАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА БАЛКАНСКИОТ ПОЛИТИЧКИ КЛУБ
Македонија заслужува да биде дел од НАТО и ЕУ

Македонија го заслужува членството во НАТО и ЕУ, но потребно и е поголемо внимание за проблемот со Грција да не биде пречка за нејзиното интегрирање. Ова е оценката на учесниците на меѓународната конференција на балканскиот политички клуб, што започна вчера во Охрид.
Премиерот на РМ, Никола Груевски, рече дека државата и покрај разочарувањето на самитот во Букурешт ќе продолжи со реформите и конструктивниот пристап во разговорите со Грција. Подготвени сме на компромис кој нема да ги загрози нашите национални интереси и нашето национално достоинство. Би било апсурдно цената за влез во ЕУ да стане нешто што е спротивно на европските вредности, откажувањето од сопствениот идентитет, рече Груевски во својот говор.
Жељу Желев, претседателот на Балканскиот политички клуб рече дека доколку Македонија повторно не добие членство во ЕУ и НАТО тоа може да доведе до внатрешна дестабилизација и тоа по етнички линии.
– Тука ги имам на ум тврдењата на одредени кругови на македонските државјани од албанско етничко потекло, кои се залагаат за кантонизација и федерализација на државата, а во поекстремен случај поделба на Македонија. Тоа може да го запали Балканот, но овојпат на територијата на РМ, рече Желев, според кого едно такво сценарио нема да биде случено само во рамките на РМ, туку целиот регион ќе биде во опасност. Поранешниот претседател на Бугарија, Желев рече дека свето право на секој народ е да си го одредува името на својата држава и ја повтори поддршката што Бугарија и ја дава на Македонија во евроатлантските интеграции.
Поранешниот турски претседател Сулејман Демирел и порача на Македонија да биде трпелива во преговорите, но според него проблемот за спорот со името треба да се реши на тој начин Македонија да не биде разочарана.

res.: Vecer.com.mk