Грците и во Берлин беснееле поради Република Македонија

Организаторите се обидувале да бидат медијатори во спорот меѓу Македонците и Грците, па откако увиделе дека делегацијата нема намера да додаде ФИРОМ пред Македонија барале барем два часа да го покријат името на плакатите додека на Саемот е присутен некој од грчките министри. Но и ова не им успеало

Грците не успеаја да не фиромизираат на Саемот за туризам во Берлин. Откако македонските претставници на својот штанд ги поставиле плакатите на кои стоело Republic of Macedonia, грчката делегација почнала со негодувањата. Тие се обиделе преку притисок врз организаторот да успеат да наметнат Македонија да се претстави под референцата ФИРОМ.
Дека имало обиди за фиромизација, ни потврди и директорот на Агенцијата за промоција и развој, Зоран Стрезоски. Вели и покрај настојувањата на Грците, Македонија се уште на Саемот во Германија е претставена под своето уставно име.
– Грчката делегација со притисок врз организаторот се обиде да наметне да се сменат плакатите на нашиот штанд. Но не дозволивме и покрај настојувањата на Грците и на организаторот се уште на нашиот штанд стои името Македонија. Кога организаторот не замоли да го смениме името им одговоривме дека тие не се задолжени за менување на име на држава, единствено право за тоа имаат ОН – ни изјави телефонски Стрезоски, кој присуствува на Саемот во Германија.

Организаторите се обидувале да бидат медијатори во спорот меѓу Македонците и Грците. Откако виделе дека Македонија нема намера да ги тргне плакатите, Германците ја убедувале нашата делегација барем два часа да го покријат името на плакатите. Во тие два часа требало да помине некој од грчките министри. Но нашите не се согласиле ниту со ова.
– Ние не се согласивме да го покриеме уставното име ниту тие два часа, кога грчкиот министер шетал низ халата. Дали поминал или не воопшто не знаеме. Не сакавме воопшто да се замараме со тоа – додава Стрезоски.

Александар Коневски, член на Македонската делегација во Берлин вели дека досегашниот отпор на директорот на Агенцијата, Стрезоски донел резултати. Вели тој останал цврсто на својот став дека Македонија треба да се претстави под своето уставно име.

Вчера беше првиот ден од Саемот за туризам во Берлин кој се смета за најголем светски саем од оваа област. Се одржува од недела. Коневски и Стрезоски се надеваат дека наредните денови ќе поминат без проблеми со колегите од Грција и организаторите на овој саем и дека Македонија до самиот крај ќе остане на Саемот и тоа под своето уставно име.

Билјана ЗАФИРОВА

Quelle: VECER