Zum Inhalt springen

Милошоски: Компромис за името треба да биде потврден од граѓаните на референдум

Граѓаните на Република Македонија се оние кои на 5-ти Април ќе го изберат претседателот и сметам дека секој што ќе ја добие поддршката на македонските граѓани ја заслужува и соработката од сите други институции кои ја добиле довербата да ја водат државата. Ова за Радио Слободна Европа го изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, одговарајќи на прашањето дали дали владата ќе соработува со кандидатот на СДСМ Љубомир Фрчкоски, доколку победи на изборите.

На прашањето дали Владата ќе се согласи со некоја додавка, на пример Северна Република Македонија, што би значело членство во НАТО и датум за преговори во ЕУ, доколку одговорноста би ја презел Фрчкоски, Милошоски вели дека треба да се биде принципиелен во однос на спорот со Република Грција.

„Во Македонија ова е национално прашање и ние цениме дека главниот збор за конечната одлука за каков било можен компромис треба да биде верификуван и потврден од граѓаните на референдум. Било какви додавки или придавки, не е вкусно да се лицитира со нив, бидејќи не носи корист“, изјави министерот Антонио Милошоски.

На прашањето дали Македонија сериозно работи врз компромис со Грција и како ги коментира постојаните препораки дека без решение на проблемот нема напредок во евро – атланските интеграции, Милошоски вели дека повеќе влади на Македонија и на Грција работат врз ова прашање многу години, но се покажува дека не е така едноставно да се стигне до тој компромис.

„Сметам дека би било реално да се каже дека позицијата на Грција да го негира идентитетот на македонскиот народ ги отежнува преговорите за постигнување компромис. Мислам дека стануваме се посвесни, барем тие што сме директно вклучени, дека сме сведоци на една скриена агенда да се подрие идентитетот на нацијата и на јазикот на Република Македонија“, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Автор на веста: Нетпрес, Објавена на 30.03.2009