Zum Inhalt springen

Античките херои и припаѓаат на светската цивилизација

Премиерот Никола Груевски, кој учествува на 45-та Безбедносна конференција во Минхен, изрази надеж дека Грција како сосед ќе помогне Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ. Тој ги отфрли забелешките дека преименувањата на аеродромот, автопатот и на стадионот ги креваат тензиите во спорот со Грција.- Не можам да разберам зошто некоја земја не може да ги користи тие имиња затоа што нив можете да ги најдете како улица во Рим, град во Египет, како различни работи во многу земји. Тие луѓе и припаѓаат не на Македонија, не на Грција, не на некоја друга земја, туку на целиот свет – истакна премиерот Груевски.

Во панел-дискусијата насловена „Менаџирање на нестабилноста – Транскавкаскиот регион и Западниот Балкан“, тој истакна дека во моментов не гледа добар став од Грција.

– Се надевам дека во иднина работите ќе се сменат. Како да им објасниме на македонските граѓани дека нивното влегување во ЕУ – домот на различните идентитети, ќе ги чини нивната слобода да кажат кои се и што се. Дека ќе ги чини нивниот идентитет – истакна Груевски одговарајќи на сесијата на која имаше можност за поставување прашања до учесниците.

На маргините на конференцијата, која се одржа викендов, премиерот Груевски оствари повеќе средби со високи претставници на држави, влади и меѓународни организации, учесници на конференцијата, во рамките на која се дискутираа најважните теми од областа на безбедносните ризици и предизвиците со кои се соочуваат Европа и светот, иднината на НАТО и можностите за продлабочување на безбедносната соработка помеѓу клучните светски актери.

Како што јави МИА од Минхен, шефот на македонската Влада на еминентниот светски безбедносен форум се сретна со поранешниот секретар за одбрана на САД Вилијам Коен, а во рамките на работниот дел на Конференција разговараше со генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Шефер, со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Милибанд и со сојузниот министер за надворешни работи на Германија Франк Валтер Штајнмаер. Груевски, во придружба на министерот за надворешни работи, Милошоски, се сретна и со Питер Мекеј, министер за одбрана на Канада, со Валтер Колбо, пратеник и заменик-шеф на пратеничката група на Социјалдемократската партија во германскиот Бундестаг, како и претседател на Германско-македонското друштво, и со Рупрехт Поленц, пратеник и претседател на Комитетот за надворешна политика во германскиот Бундестаг.

Според известувачот на А1-телевизија, најдиректна порака на Македонските партнери, пренел шефот на американскиот проект за држави во транзиција, идеологот на претпоследното проширување на НАТО, и докажан македонски пријател, Брус Џексон. Во изјава за телевизијата Џексон рекол дека и Грција и Македонија направиле многу грешки во последнава година, кои би можеле решението за името и влегувањето во НАТО да го одложат неколку години.

САД продолжува со поддршката за Македонија во НАТО

Реафирмирана е американската поддршка за Македонија во евроатлантските интеграции. Ова е дел од содржината на разговорите на Антонио Милошоски, министерот за надворешни работи на Македонија, кој на маргините на Минхенската безбедносна конференција вчера се сретна со Џејмс Б. Стајнберг, заменик на државниот секретар на САД. На средбата министерот Милошоски го запознал својот соговорник со активностите што ги презема Македонија, како и со најновите моменти во однос на спорот со Грција за тужбата пред Меѓународниот суд на правдата во врска со прекршувањето на Привремената спогодба. Тој посочил дека Македонија останува ангажирана во процесот со преговорите под медијаторство на Метју Нимиц. Од американска страна е изразена заложбата за понатамошно продлабочување и развивање на односите со Република Македонија. На средбата е нагласен и придонесот што Македонија го дава со учеството во меѓународните мисии, како и за состојбите во регионот, јави МИА.