Zum Inhalt springen

Грција до Мекдугал: Терминот „македонски“ е резервиран само за Грците

Нова Македонија: Грција до Мекдугал: Терминот „македонски“ е резервиран само за Грците

Автор: Дарко Јаневски за Нова Македонија

Далдисани по „шлаканиците“ што Гај Мекдугал, специјалниот пратеник на генералниот секретар на ООН, Бан Ки-мун, им ги залепи на Грците со нејзиниот извештај за правата на малцинствата, од вид ни бегаат одговорите што грчката влада и ги дала во врска со македонското малцинство, а кои ги откриваат позициите на Атина и во преговорите што се водат со посредство на Метју Нимиц.

Мекдугал прецизно забележала дека „Владата подвлекува оти има два и пол милиони Грци што себеси се идентификуваат како Македонци (Македонас) во регионален/културен контекст и обидите да се узурпира името и националниот и културниот идентитет со употреба на терминот ‘македонски‘ (мацедониан) за да се опише т.н. малцинство се неприфатливи“.

Ова, се разбира, се однесува на македонското малцинство во Грција, но изречениот грчки став дека употребата на терминот „македонски“ надвор од оние 2,5 милиони Грци е неприфатливо, јасно ја покажува нивната позиција во преговорите за нашето име. Би било премногу да се очекува дека ваквиот став, од кој Грција нема намера да отстапи, ќе го задржи само во однос на македонското малцинство во таа земја, а ќе дозволи непречена употреба на придавката „македонски“ од страна на народот што живее во „БЈРМ“.

Во меѓувреме, во Македонија сè повеќе се раширува мислењето дека ако го прифатиме името Северна Македонија за една употреба, со тоа би ставиле крај и на грчките барања и на самите преговори. Истото подразбира дека таквото решение би ни го гарантирало националниот идентитет, под што поголемиот број граѓани во оваа држава подразбираат дека во оние графи на ООН, ОБСЕ, ЕУ итн., мнозинскиот народ во „Северна Македонија“ и јазикот на тој народ ќе бидат означени како „македонски“.
Овој одговор на грчката влада до Мекдугал покажува дека таквото наше мислење е обична заблуда, која тие ја оставаат да тлее, и дека евентуалното прифаќање едно име за единствена употреба со себе повлекува соодветно менување на името со кое се означува македонскиот народ.

Интересна е и забелешката на Мекдугал дека во Грција многумина сметаат дека македонското малцинство во таа земја е обичен, мит кој се јавил како резултат на напорите на Јосип Броз-Тито да им даде поткрепа на експанзионистичките барања кон грчкиот регион Македонија. Со тоа се објаснуваат и зборовите на еден Македонец од Грција со кого Мекдугал разговарала, а кој и рекол: „Јас сум грчки граѓанин… но јас сум Македонец кога зборуваме за моето село, мојот јазик и мојот идентитет“.

Тој грчки граѓанин, според позициите на грчката влада, која таа евидентно ги застапува и во преговорите во Њујорк, е резултат на митот создаден од Тито, е во функција на експанзионистичките намери кон тој дел од Грција и го нарушува ексклузивното право на 2,5 милиони Грци да се нарекуваат Македонци. Впрочем, Мекдугал не пропуштила да го забележи и следниот став на грчката влада, кој се чини сè објаснува: „Владата изјавува дека Македонија историски е грчка и нејзините жители се директни потомци на античките Хелени“.

Кој тогаш смее, надвор од Грците по род, да го употребува терминот „македонски“? Патем, според самите Грци, тие тој термин го употребуваат во регионален и културен контекст, но, сеедно, тоа ја исклучува можноста кој било друг да го употребува во било која смисла. Најмалку за означување на својот национален идентитет. И веројатно тука некаде завршува нашата приказна дека Грците би можеле да прифатат македонскиот народ сам да си ја определи придавката со која ќе ја означи сопствената национална припадност доколку претходно се согласи да го смени името на државата.