Zum Inhalt springen

Дора собира храброст да дојде во Македонија!

  • von

Можна е посета на Бакојани во Македонија во рамките на грчкото претседавање со ОБСЕ. Од мисијата на оваа меѓународна организација во земјава велат дека засега немаат потврда дали шефицата на грчката дипломатија ќе ја посети канцеларијата на ОБСЕ во Македонија, но укажуваат дека претставниците на секоја држава-претседавач планираат да ги посетат сите канцеларии во светот.

Грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани не ја исклучува можноста да ја посети земјава. Бакојани за време на балканската турнеја од Приштина остави отворена можност посетата да се случи во рамките на грчкото претседавање со ОБСЕ. Според најавите, грчката министерка ќе ги посети деветнаесетте делегации на оваа меѓународна организација во светот. Од мисијата на ОБСЕ во земјава велат дека претставниците на секоја земја додека претседава планира да ги посети сите канцеларии на организацијата. Но сепак, велат оттаму, дека досега немаат информација дека таа ќе дојде во Македонија.
Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски пак и неодамна повтори дека останува отворена поканата за Бакојани да ја посети Македонија и оти земјава ќе биде добар домаќин. Говорејќи за прашањето за името министерот Милошоски укажува дека „спорот за името е поради желбата на Грција да го заштити својот мит за чиста нација“.

„Спорот за името ги влече корените од желбите на Грција да го заштити својот мит за чиста нација, што значи: една држава, еден јазик, една нација. Но, на северот од земјата живее македонско говорно малцинство на кое не му е дозволено да го употребува својот мајчин јазик и да го негува својот културен идентитет. Токму од таа причина Атина се обидува на една мала нација како Македонија да и го оспори правото на самоопределување“, вели во интервју за „Тагесцајтунг“, шефот на македонската дипломатија. Во контекст на прашањето за тоа дали има шанса да се најде компромис и каков би бил, Милошоски кажува дека тоа е можно само на билатерална основа.

– Уставното име на Македонија е спорно само за Атина. Ние би биле подготвени на Грција да и дозволиме да употребува друго име за нашата земја, на пример „Република Македонија (Скопје)“, за што Македонците ќе решаваат на референдум, изјавува во интервјуто Милошоски. Според него, фактот што 125 земји го признале уставното име, е јасен сигнал дека Република Македонија има меѓународна поддршка. Што се однесува до земјите од Европската унија, вели министерот, за нас би било силна поддршка кога Унијата би и кажала на Атина: штом имате билатерален спор тој треба и билатерално да се реши, а не да се зема целата ЕУ како заложник. Според Милошоски, таквата злоупотреба на Унијата и штети на нејзината веродостојност во целина.

Кога се говори за македонската евроатлантска интеграција токму ова прашање, спорот со Грција е неизбежна тема, а оценките се дека Македонија е подготвена да ги почне преговорите за пристапување во Унијата. „Ние веќе три години сме верени со ЕУ, а сега чекаме датум за да стапиме во брак со неа. Се разбира дека во Македонија има уште многу работа, но сметаме дека за почеток на преговорите не сме ништо помалку подготвени од земји кои веќе се членки на Унијата“, вели шефот на македонската дипломатија.
(С.Д.)

Вечер Онлине